Македонија 18. декември 2018. / 10:27

Орданоски го предлага Заев за Претседател на Македонија

Орданоски го предлага Заев за Претседател на Македонија

Колумнистот и новинар, Сашо Ордановски, во својата последна колумна за Цивил, ,,Заев за Претседател“, ја ,,испорача“ кандидатурата на Зоран Заев за Претседател на РМ:

Еве што пишува Орданоски:

– Сите околности укажуваат на тоа дека Зоран Заев нема да може да ја избегне сопствената кандидатура за претседателските избори идната година. Причините за тоа се многубројни и секоја се чини подобра од претходната…

Прво, најочигледната: Заев како политичар доминира на македонската политичка сцена на начин што никој од неговото окружување, од сегашната опозиција или од светот вон партиските математики не поседува јавен рејтинг што може да му конкурира на неговиот. Тој рејтинг, сам по себе, не е фасцинантен, ниту е од величината на „татко на нацијата“, но неговата сенка е доволно долга за да ги поклопи сите предвидливи конкуренти.

За неколку месеци, кога ќе се случи претседателската трка, неговата популарност ќе го достигне врвот, колку и да е висок тој, бидејќи ќе се совпадне со ефектуирањето на Преспанскиот договор и меѓународните пофалби што ќе бидат испорачани на таа сметка. Кандидирањето, заедно со грчкиот премиер Ципрас, за Нобеловата награда за мир за 2019 година, е сублимат на ваквиот развој на настаните. А шансите на Ципрас и Заев за таа награда да влезат во сериозна конкуренција – доколку договореното во Преспа навистина и се испорача – воопшто не се за потценување.

Зад конституирањето на рејтингот на Заев стои една мултиетничка база, што него, во моментов, го чини најдобар консензуален кандидат на етничките Македонци и Албанци во државава. Дури ни ДУИ ова не ќе може да го порекне, на страна бенефитот од ефикасното тргање на Заев во идните меѓупартиски парламентарни натпревари, што за ДУИ има една непријатна, блиска историја.

Не треба да се потценат ни практичните причини зад таквата одлука. Заев не покажува вонсериски технократски способности за успешно раководење со еден систем каков што го претставува Владата. Заминувањето од нејзиното чело на врвот од популарноста, на историска тема за евро-атлантска интеграција, е далекувидост на мудри политичари, пред да дојдат удолнините на македонското социо-економско секојдневие, кога „големата тема“ ќе биде „истрошена“. Од претседателска функција, пак, лесно се „терцира“ секој успех на извршната власт, додека одговорноста за неуспесите ќе ја крка некој друг.

Додуша, ако стане претседател на државата, Заев ќе мора да ги напушти претседателските столчиња во неговата партија и во Владата, што ќе отвори неизбежна „граѓанска војна“ за негов наследник.

Како што се гледа, сите околности укажуваат на тоа дека Зоран Заев нема да може да ја избегне сопствената кандидатура за претседателските избори идната година. Од таа функција патот води во историјата. Рано му е на Заев да се враќа на правење и продажба на ајвар – пишува Орданоски.