Македонија 05. ноември 2020. / 11:28

ОПОЗИЦИЈАТА СЕ ОБЕДИНУВА: Средба Мицкоски, Села, Гаши

ОПОЗИЦИЈАТА СЕ ОБЕДИНУВА: Средба Мицкоски, Села, Гаши

Изјавата од пред две недели на генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари дека ако ДУИ повторно коалицира со СДСМ, АА ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ и обратно, ако ДУИ коалицира со ВМРО -ДПМНЕ, АА ќе коалицира со СДСМ, се чини дека оди кон конкретизација, објави ТВ Клан М.

 

Сигурни извори од ВМРО-ДПМНЕ, но и од албанската опозиција,  за медиумот, потврдуваат дека во петок во хотелот „Хилтон“ во Скопје ќе има средба меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,  Христијан Мицкоски, претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.

 

„Под покровителство на германската фондација ,Конрад Аденауер’ ќе се одржи конференција на тема ,Народните конзервативни партии градат мостови кон заедничката европска иднина’ и ќе треба да учествуваат и лидерите на овие партии што ги спомнувате“, изјави за ТВ Клан М сигурен извор на македонската опозициска партија, оценувајќи дека евентуалната опозициска коалиција на локалните избори следната година ќе покаже сериозен опозициски коалиционен капацитет во земјата.

 

Ваквата можност беше оставена отворена, во понеделникот во емисијата „Клан Дебат“ на Селадин Џезаири, и лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски.

Иако е рано да се зборува за повеќе детали, неспорно е дека приближувањето на македонско-албанската опозиција оди кон профилирање на политичката сцена во земјата.

Создавањето на два блока ќе ги „потисне“ и вообичаените меѓуетнички тензии, пренесува ТВ Клан М.