Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање денеска вели дека потребна е лидерска средба што поскоро.
Во однос на средба со опозиционите партии, Николоски рече дека се во постојана комуникација со сите опозициони партии, а во однос на средба деновиве прво ќе заседава Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на кој ќе бидат утврдени позициите на партијата, а потоа ќе следуваат покани за средба.
-Во однос на лидерска средба апсолутно сметаме дека ден поскоро час поскоро е потребна лидерска средба. Гледаме дека претседателот на државата закажува Совет за национална безбедност, се шпекулира низ медиумите дека ќе се прогласи кризна состојба, најмалку што треба да се направи е да се свика една лидерска средба на која ќе се разговара во однос на три прашања. Првата работа е здравствената криза предизвикана од корона вирусот, втората е економската криза предизвикана од корона вирусот и третата е блокадата на Македонија во однос евроинтегративниот пат и барањата од Бугарија за национално обезличување на Македонија и на Македонците. Така што таа средба очекуваме да се случи, повикуваме да се случи, тоа е начинот на кои што работат паметните држави, вели Николоски.
Клучната тема за која треба да се разговара на лидерска средба е формирање на Влада за национален спас која што ќе даде одговор на најголемата криза со која Македонија се соочува во овие 30 години.
-Власта продолжи самата да ги води процесите, верувајќи дека ќе може на тој начин да се претставува како единствен фактор кој што ја движи државата напред, а сите останати се, нели, ретроградни сили. Но, во суштина се случи обратното и еве сме на крајот на ноември 2020-тата година, скоро на крајот на 2020 година Македонија е соочена со блокада во однос на почетокот на пристапни преговори со Европската унија, порача Николоски.