Германија и официјално ги призна нашите возачки дозволи. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и германскиот амбасадор Томас Герберих денеска ја потпишаа Декларацијата за признавање и замена на возачки дозволи, објави Нова.
Со потпишувањето на декларацијата македонските граѓани, кои имаат македонска возачка дозвола додека престојуваат на територијата на Германија ќе немаат потреба од меѓународна дозвола. Воедно македонските државјани кои имаат регулирано престој на германска територија на нивно барање ќе можат да извршат замена на возачките дозволи.
Договорот за заемно признавање на возачките дозволи со Германија е особено значаен за нашите граѓани на кои им се овозможуваат бенефити, изјави Спасовски во пресрет на потпишувањето на декларација.
– Денешниот ден е многу значаен затоа што потпишуваме долгоочекуван договор, договор за кој најдовме начин да ги завршиме преговорите и да го потпишеме. Знаете дека овој процес на разговори трае многу долго и навистина сум среќен што успеавме за една година да ги отстраниме сите пречки кои што беа за да се склучи еден ваков договор, рече Спасовски.
Македонската Влада на 26 јуни годинава ја усвои декларацијата со која се отвора патот за меѓусебно признавање на возачките дозволи со Германија, откако по преговорите меѓу надлежните министерства во мај годинава беше усогласен нејзиниот текст.
Возачките дозволи ќе им бидат признаени на полнолетни лица со важечка возачка дозвола, издадена од надлежните органи во Македонија и во Германија и кои имаат законски престој на македонска територија (најмалку 180 дена во една календарска година) или на територијата на Германија (најмалку 185 дена во годината).
Со стапувањето во сила на декларацијата за реципрочното признавање на возачките дозволи во двете земји, сите граѓани на Македонија кои живееат или престојуваат во Германија веќе ќе нема потреба да полагаат теоретски и практичен тест, да посетуваат преглед за вид и да ги поминуваат сите потребни процедури.
Македонските државјани во Германија досега со македонска возачка дозвола смееја да возат само во првите шест месеци од пристигнувањето. Потоа треба да полагаат за возачка дозвола, а цената е околу 1.500 евра.
Република Македонија досега има потпишано договор за признавање на возачките со седум држави и тоа со Шпанија, Италија, Србија, Албанија Црна Гора, БиХ и Австрија. Во тек е склучување вакви билатерални договори со Косово, Турција, Германија, Велика Британија. Врз основа на поднесена апликација за признавање на македонска национална возачка дозвола, во тек е постапка со Австралија и Нов Зеланд.
Декларацијата е потпишана за време на денешната посета на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на Македонија, а германската канцеларка Ангела Меркел, која во земјава беше на 8 Септември, на Денот на независноста тогаш односите меѓу двете земји ги оцени како интензивни, пријателски и успешни и напомена дека околу сто илјади македонски државјани престојуваат во Германија.