Македонија 22. јуни 2018. / 08:06

ОЕЦД: Слаба борба против корупцијата во Македонија

ОЕЦД: Слаба борба против корупцијата во Македонија

Законската заштита на „свиркачите“ и транспарентноста во јавните трошења се единствените сегменти од анти-корупциската политика што ги спроведува Владата, стои за Македонија во извештајот на ОЕЦД за конкурентноста на земјите од Југоисточна Европа. Но нема истраги и наоди на коруптивните дела, точна претстава за имотот на функционерите, ниту пак се контролира непотизмот, ниту конфликтот на интереси.

Македонија издвојува само 0,006 отсто од својот државен буџет за превентивна борба против корупцијата, додека во Црна Гора тој процент е 0,046 отсто, а во Косово е 0,007. Во развиените земји, ваквите издатоци се значајно поголеми. Aко се споредува со годината претходно има напредок во имплементацијата на прописите, a се тврди дека високата корупција негативно се одразува на конкурентноста, инвестициите и даночната политика.

Во извештајот стои и дека Владата на Македонија го вклучува граѓанското општество, односно невладините организации, во дебатите за отстранување на корупцијата. Исто така, им дава шанса да го изнесат своето мислење, како да се подобри оваа област и на претставниците на помалите државни органи. Но исто се тврди и дека нема доволно медиумски кампањи со кои би се поттикнала и свеста на јавноста.