Врз основа на координацијата со министерствата за здравство од регионот, Владата на Република Северна Македонија на денешната 9-та седница донесе одлука да се овозможи непречен влез на странските државјани од Република Србија, Република Косово, Република Црна Гора и Босна и Херцеговина, без приложување медицинска потврда со негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, информира владината прес-служба.
Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест.
Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое, до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од КОВИД-19.
Оваа одлуката стапува на сила од понеделник, 12 октомври 2020 година.