Македонија 23. април 2020. / 08:00

Од денеска задолжително носење маски во затворен простор, на отворено ако нема дистанца

Од денеска задолжително носење маски во затворен простор, на отворено ако нема дистанца
фото: миа

Од денеска на целата територија на Република Македонија секој граѓнин, странец или домашно лице, е должен да носи лична заштитна опрема при излегување надвор од својот дом.

Уредбата која Владата ја донесе на 45. седница важи при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).

Што се подразбира под лична заштитна опрема?

Под лична заштитна опрема се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата. Во уредбата од Владата тоа предвидува: респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично.

Кога се прави исклучок?

Заштитната опрема на лицето (маска, шал, марама…) може да не се носи кога се простојува во домот или дворот од куќата. На јавни места и површини од отворен тип, но потребно е да се одржува дозволеното минимално растојание од најмлаку два метри од друго лице. Кога се вози велосипед или се спортува на отворено, но само доколку тоа се прави индивидуално. Исклучок има и во случаите кога се патува во возило, само доколку лицата кои се возат живеат во заедница или домаќинство. Маска може да не носат и лицата кои заради извршувањето на нивните работни задачи носат посебна лична опрема.

Во банки, маркети, објекти…

Уредбата исто така утврдува дека сите граѓани на територијата на Македонија, се должни во своите седишта, подружници и објекти во кои ја обавуваат својата дејност, да обезбедат носење лична заштитна опрема на нос и уста од страна на сите физички лица кои работат и да забранат влез и движење низ овие простории на секое физичко лица кое влегува како посетител во овие простории, а кое нема да носи лична заштитна опрема.

Владата вчера го намали и полицискиот час, па од денеска тој во работните денови ќе почнува во 19 часот, а ќе трае до 5 часот наутро. За време на викендите полицискиот час ќе почнува од 15 часот и ќе трае до понеделник наутро.