Основното јавно обвинителство не отворило истрага по допрен глас за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Но, соопштуваат дека будно ги следат досегашните јавни објави поврзани со тендерот во Македонска навигација, пренесе АлсатМ.
Доколку Обинителстовто утврдело елементи на кривично дело, ќе постапело според законските надлежности.
Тоа значи дека засега, само Антикорупциската комисија ја истражува аферата во која е вклучен Рашковски. Од оваа институција, писмено се обратиле до Владата и до М-НАВ уште минатата недела, за да им ја испратат целокупната документација поврзана со набавката. Но, се уште немаат добиено повратен одговор. Рокот во кој треба да и ги предадат доказите е 15 дена.
АлсатМ праша во Владата кога ќе го сторат тоа, ама не доби повратна информација. Од М-НАВ, пак, претходно најавија дека ќе соработуваат со истражните органи за постапката која се води.
Пред една недела, кога одекна првиот аудио разговор, опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против Рашковски и од тогаш со денови бара реакција од Обвинителството и негов притвор, за непречено да се одвива истрагата и да нема влијание врз сведоци.
Порталот „Економски лидер“ објави нов разговор, за кој тврди дека Рашковски бил свесен дека не можел да преговара со италијанската фирма „Леонардо“ за купување на безбедносен систем, бидејќи тендерот не бил комплетиран.