Вилма Русковска добила барање Ден Дончев да биде ставен на таканаречената „Стоп” листа за да не може да ја напушти Македонија, дознава „Експрес“, според чии извори во обвинителството, барањето за обезбедување на поранешниот директор на ФЗОМ за да не може да избега е примено пред неколку месеци, но тоа не било прифатено, зошто против бил висок функционер во една политичка партија.
Според изворите, барањето на МВР за спречување на Дончев да ја напушти Македонија било добро аргументирано, но обвинителството било под силен притисок да не го става тогаш актуелниот директор на Фондот на листата за забрана на напуштање на Македонија.
Јавната обвинителка вчера изјави дека Обвинителството за организиран криминал и корупција води истрага против поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев.
– Да, се води истрага за лицето Ден Дончев, изјави Русковска, но рече дека нема информација дали екс директорот на ФЗО е во земјава или не.
Ден Дончев се терети дека примал австралиски долари преку компанија регистрирана во струмичко Муртино. Неделникот „Фокус” објави дека по барање на Обвинителството за организирал криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати од компанијата со основна дејност интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.
Доколку се утврди дека Дончев сега ја напуштил државата еден обвинител соработник на Русковска и самата таа се соочуваат со истрага за неспроведување на барањето од МВР.