Основното јавно обвинителство Скопје ги чека доказите од МВР во врска со наводното следење на новинарот Бранко Героски. Тој вчера со статус на Фејсбук предупреди дека после неговите текстови за скандалите со случаите Рекет и Рекет 1, бил следен, поседувал докази и веќе поднел пријава, а го повика и Обвинителството најдоцна до утре да му одговори дали и што сработиле.
Јавното обвинителство вчера беше повикано да даде одговор на тоа до каде е постапката за овој предмет, во спротивно Героски најави дека ако до среда, односно 20 ноември не добие одговор, со напис на неговиот портал ќе ја информирал јавноста.
Редакцијата на МКД.мк денес испрати прашања во врска со овој настан, по што веднаш ни беше одговорено дека се работи на овој предмет, но се чекаат доказите за кои е издадена наредба до МВР, по која уште се постапува.
–За настанот за кој покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Скопје прими Известување за примена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи на 17. 10. 2019 година. По применото известување, предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој веднаш издаде наредба до МВР да се обезбедат докази за наводите во пријавата. По наредбата се уште се постапува, се вели во одговорот од Обвинителството.
Според информациите на МКД.мк се работи за следење од страна на поединци од единица на МВР и на вработен од кабинетот на министерот кој сведочел за овој немил настан.
Освен следење, биле применети апарати и за аудио и видео записи.