Македонија 22. јануари 2021. / 08:49

Објавени платите на премиерот и министрите: Највисоки на Заев, Спасовски и Шахпаска

Објавени платите на премиерот и министрите: Највисоки на Заев, Спасовски и Шахпаска

Владата ги објави платите на премиерот, вицепремиерите и министрите во новиот мандат. Премиерот Зоран Заев, кој минатиот мандат имаше помала плата од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, сега има најголема. Претседателот на Владата добива 87.813 денари, што е за 348 денари помала од таа што му беше пред изборите.

На второто место е Спасовски со 85.113 денари. Неговата плата е скратена за 7.186 денари. Во минатата Влада, доколку не се смета вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој повеќе не е дел од истата, на трето место беше министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Овој пат на таа позиција е Јагода Шахпаска, министерката за труд и социјална политика, со 74.273 денари.

Шекеринска сега е на четвртото место со 72.989 денари, што е помалку за 6.161 денар во однос на претходната. На петата позиција е Ирена Стефоска, министерката за култура, со 72.670 денари.

Надвор од Топ-5 следуваат вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи со идентична плата – 71.385 денари. Првиот вицепремиер Артан Груби е платен со 70.102, колку што е платата и на Бујар Османи, министерот за надворешни работи.

Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба со корупција, добива 68.179 денари, колку што е месечниот доход и на министерот за здравство Венко Филипче. Горан Милевски, министерот за локална самоуправа, има 70.102 денари и повисоко котира од Николовски и Филипче. Повеќе од овој двоец добива и Фатмир Бесими, министерот за финансии, со 69.783 денари.

Нешто повеќе од 68.000 денари добиваат Мила Царовска, Бојан Маричиќ, Крешник Бектеши, Арјанит Хоџа и Благој Бочварски. Најнископлатени се Насер Нуредини и Јетон Шакири со нешто повеќе од 65.000 денари.