Македонија

НВО организациите во одбрана на Владата: Лубрикантите се неопходни, за да не се кинат кондомите!

НВО организациите во одбрана на Владата: Лубрикантите се неопходни, за да не се кинат кондомите!

Платформа од 15 невладини организации, кои се борат против ширењето на вирусот ХИВ доставија демант до „Економски Лидер“, за нашата статија од утринава, насловена: Бизарно: Владата финансира набавка на лубриканти – распишан тендер! (линк до статијата).

Од платформата, каде што членува и ХЕРА (организација во која своевремено работеше министерката Мила Царовска), велат дека се зачудени што медиум како Лидер, кој според нив е близок до ЛГБТ заедницата, објавува ваква статија.

За почеток, им се заблагодаруваме што ја потенцираат нашата блискост, затоа што ние како медиум со неолиберална уредувачка политика, освен за економски слободи се залагаме и за индивидуални слободи и права, помеѓу кои е и правото на сексуална определба.

Секој царува со својата спална соба. Според ова златно правило, набавката на сексуални помагала со државни пари не може да значи ништо друго освен грубо мешање на Владата во креветот на граѓаните.

Од платформата бараат да ја отстраниме статијата, што изрично го одбиваме! Напишаното подготвени сме да го браниме пред било која судска истанца во земјата. Нашата статија нема да се повлече, согласно нашето уставно загранатирано право на слобода на говор.

Секој даночен обврзник има право да знае, како се трошат неговите пари, тоа беше и сеуште е цел на нашата статија. Ниту сме имале, ниту имаме било каква намера да стигматизираме некого заради неговата сексуална определба, секоја индивидуа има право да одлучи што ќе прави со својот емоционален и сексуален живот.

Демантот на организациите ви го пренесуваме во целост, главните поенти од нив е дека лубрикантот е корисен за заштита од ХИВ, затоа што поради него не се кинат кондомите и дека лубрикантот не се пакувал во шишиња туку во помали пакувања:

Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка во врска со ХИВ најстрого ја осудува објавата со наслов „Бизарно: Владата финансира набавка на лубриканти – распишан тендер!“ во електронскиот медиум lider.com.mk (управител и раководител Љупче Златев), објавена и на други портали, која изобилува со невистини, како и тенденциозни, партиско-политички мотивирани и стигматизирачки наводи.

Медиумот ја дезинформира јавноста со тврдењето дека „лубрикантите немаат никаква врска со заштита од ХИВ вирусот“. Напротив, лубрикантите претставуваат основно средство за превенција и од нив зависи ефективноста на кондомите, бидејќи тие ја намалуваат можноста кондомот да се скине. Светската здравствена организација препорачува дека кондомите како средство за превенција ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да се промовираат и направат достапни заедно со лубриканти, со цел успешна превенција на ХИВ за клучните популации засегнати од овој вирус.

Ја информираме јавноста дека во Република Македонија, лубрикантите се дел од основниот пакет за превенција, во согласност со светските стандарди пропишани од Програмата за СИДА на Обединетите нации (УНАИДС) уште од 2005 година. Во таа насока лубриканти се набавуваат во континуитет од страна на Министерството за здравство повеќе од 12 години наназад и се дел од сите национални стратегии за ХИВ на Република Македонија.

Во објавата грубо се менуваат факти, со тоа што за пакувања со количество од 3 до 5 мл (кои служат за еднократна употреба) се тврди дека се шишиња, и покрај тоа што медиумот се повикува на самата тендерска документација во која прашањето е прецизно специфицирано.

Неточно е и тврдењето дека оваа година е евидентирано енормно зголемување на трошењето за оваа програма, која лани се финансирала со 11 милиони денари. Имено, во последните 5 години трошењето во рамките на Програмата за ХИВ на годишно ниво се движело од 116 милиони денари во 2014 година до 150 милиони денари во 2016 година, додека мината година изнесувало 65,4 милиони денари.

Во објавата се користи партиско-политички мотивиран и стигматизирачки јазик. На пр. „Набавувач е ова здружение кое е непознато на пошироката јавност, а со парите кои ги има добиено од Владата ќе ги “подмачкува“ хомосексуалците и лезбејките од Скопје“. Здружението ЕГАЛ е долгогодишен имплементатор на програми за ХИВ уште од 2008 година, како дел од националната стратегија и програма. Во таа смисла зачудени сме што еден современ електронски медиум како lider.com.mk, кој е близок на ЛГБТ заедницата, не е запознаен со основните, универзални и докажани алатки за превенција на преносот на ХИВ по сексуален пат и си дозволува за истите да дезинформира и да придонесе за стигматизација на ЛГБТ заедницата. Дополнително, стигматизација се врши и на граѓанскиот сектор кој повеќе од една деценија спроведува теренски програми за тешко-достапни популации.

Истакнуваме дека програмите за превенција на ХИВ кај клучните засегнати популации се во континуитет поддржани од сите влади од 2004 г. до денес, преку Министерството за здравство. Во периодот од 2005-2017 г. тие беа кофинансирани од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а почнувајќи од 2018 година се целосно финансирани од националниот буџет во согласност со преземените обврски на државата. Од минатата година Република Македонија е препознаена од Светската здравствена организација и други релевантни чинители како земја пример во регионот и пошироко за успешно одржување на програмите за превенција од ХИВ и партнерство помеѓу институциите и граѓанскиот сектор. – стои во демантот.

Владата ја потврди информацијата на Економски Лидер дека со државни пари невладината организација ЕГАЛ ќе набавува лубриканти за хомосексуалната популација.

На денешната прес конференција на директорката на клиниката за инфективни болести која во исто време е претседател на националната комисија за ХИВ , Д-р Милена Стефановиќ, таа истакна дека невладината морала да набави пакувања со лубрикант затоа што тие се делеле заедно со кондомите.

-Едукацијата во превенцијата од ХИВ и користењето на кондом и лубрикант се многу важни за да се спречи ширењето на оваа болест. Постојат кондоми за одредени сексуални групи кои е неопходно да се користат заедно со лубрикант. Веројатно во организацијата им се истрошиле лубрикантите кои ги делат заедно со кондомите и морале да набават нови. – изјави д-р Стефановиќ на прес конференцијата.

Таа додаде дека е многу горда што државата ги финансира овие проекти со кои граѓаните се штитат од ХИВ вирусот.

Инаку претходно Лидер објави дека бизарна јавна набавка осамна вчера на страницата на Бирото за јавни набавки, со државни пари ќе се набавуваат 20.000 шишиња со лубрикант за „Здружението на граѓани Еднаквост за геј и лезбејки-ЕГАЛ Скопје.“

Набавувач е ова здружение кое е непознато на пошироката јавност, а со парите кои ги има добиено од Владата ќе ги “подмачкува“ хомосексуалците и лезбејките од Скопје, каде што е носител на државниот проект.

Тендерската документација за набавката до која стигна Економски Лидер е обилна, а во неа стои дека оваа невладина организација во склоп на „Програма за заштита на население од ХИВ во Република Македонија 2018“ со државни пари, ни помалку, ни повеќе – ќе набавува 20.000 шишиња лубриканти. Понудите за набавка на лубрикантите, заинтересираните компании може да ги достават најдоцна до 15ти месецов.

Во техничката спецификација е наведено дека лубрикантите треба да бидат без вкус, без мирис и без боја.

Тендер за набавка на Лубриканти
Краток предглед на докуметацијата

Како штитат лубрикантите од ХИВ?!

Економски Лидер се обиде да стапи во контакт со здружението „ЕГАЛ“, кои сакавме да ги прашавме: Каква врска имаат лубрикантите со заштитата од ХИВ? И зошто парите на даночните обврзници се трошат за оваа намена, ако се има предвид дека лубрикантите немаат никаква врска со заштита од ХИВ вирусот?

Но, нашите обиди завршија неуспешно, никој во ова здружение не одговараше на нашите телефонски повици на официјалниот телефон 02 3220 851 кој е оставен на нивната официјална веб страница (egal.org.mk)

Инаку, програмата за заштита на населението од ХИВ вирусот за 2018, од која здружението за заштита на геј и лезбејки има добиено средства за јавната набавка на овие лубриканти, е финансирана од владата и потпишана лично од премиерот Зоран Заев. Во неа годинава се издвоени над 95 милиони денари (или 1,5 милиони евра) државни пари, кои ќе се потрошат за оваа намена. Годинава е евидентирано енормно зголемување на трошењето за оваа програма, која лани се финансирала со 11 милиони денари. Целата програма можете да ја погледнете во документот на следниот линк (клик).

Еве која е невладината која на хомосексуалците им купува лубриканти со државни пари

Невладината „Здружение на граѓани Еднаквост за геј и лезбејки-ЕГАЛ Скопје“, постои во 2004 година. Проверката во централниот регистар покажува дека единствено поврзано лице со неа е извесен Зоран Јорданов, кој е претседател и законски претставник на здружението.

Кратката проверка по интернет, покажува дека оваа невладина организација има свои СОС линии за хомосексуалци и лезбејки, но и помош за оние ЛГБТ лица кои имаат сида.

Во 2014, оваа невладина организирала фестивал на ЛГБТ лицата наречен „Ѕуница“. На постерот за овој фестивал, заштитно лице бил сегашниот пратеник а тогашен нивни активист, Павле Богоевски.

Постер на невладината ЕГАЛ, заштитно лице пратеникот Павле Богоевски

Љ.З.