Македонија 11. февруари 2019. / 12:42

Новото име на СДСМ ќе биде Социјалдемократи на Северна Македонија?

Новото име на СДСМ ќе биде Социјалдемократи на Северна Македонија?

Социјалдемократи на Северна Македонија (СДСМ) или само Социјалдемократски сојуз (СДС) – се двете можни варијанти за промена на називот на владејачката партија, согласно со новото име на државата чија примена почнува од оваа недела. Не е исклучено веќе на априлските избори за шеф на државата СДСМ да настапи со модификувано име, пишува Независен.

Висок партиски функционер во изјава за „Независен весник“ посочува на овие две можности за промена на називот на партијата со седиште на улица „Бихаќска“. Во првиот случај, во називот на партијата би влегло новото име на државата, со додавката „Северна“, а би останала истата кратенка што беше употребувана досега – СДСМ. Во вториот случај, социјалдемократите, како левичарски ориентирана партија, би настапувале без споменување на името на државата во својот назив, како што е случајот со многу други европски социјалистички и социјалдемократски партии, членки на Партијата на европските социјалисти (ПЕС). Лабуристичката партија (ЛП) во Велика Британија, СДП во Германија, СДП во Хрватска, Социјални демократи (СД) во Словенија, Партијата на социјалисти во Франција (ПС)… се дел од членките на ПЕС кои во својот назив го немаат името на државата од која доаѓаат, за разлика, на пример, од Бугарската социјалистичка партија (БСП) или Социјалдемократската партија на Австрија (СПO)…

Функционери од СДСМ најавуваат дека промената на партискиот назив би можела да се реализира уште на претстојниот конгрес на СДСМ закажан за 3 март, кога треба да биде официјализирана одлуката за тоа со кој кандидат ќе настапи партијата на шестите претседателски избори. Според тоа, се очекува во наредниот период во партиските тела да се отвори дискусија околу тоа како точно да биде новиот назив на партијата, што потоа ќе повлече и одредено ребрендирање, односно промена на логото и на симболите и секако на таблите пред партиската централа во Скопје, како и на седиштата на општинските и месните организации на партијата.