Македонија 01. февруари 2019. / 16:34

Николоски: Власта не сака да се соочи со граѓаните на парламентарни избори

Николоски: Власта не сака да се соочи со граѓаните на парламентарни избори

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во интервју за Пресинг ТВ, истакна дека ставот на партијата е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните претседателските избори, коишто се надева дека ќе се одржат заедно со парламентарните избори, затоа што смета дека е време во Македонија да се одржат парламентарни избори за да се дојде до промена на власта.

Тој вели дека ја повикува власта, односно владејачкото мнозинство во собранието ден поскоро да ја стави на дневен ред иницијативата која што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието, со цел законодавниот дом да може да се произнесе.

-Се уште претседателот на Собранието не ја става на дневен ред иницијативата, што само по себе покажува дека бегаат од избори, затоа што не сакаат да се соочат со граѓаните и со мислењето на граѓаните на едни такви избори. – вели Николоски.

Тој истакна исто така дека таквото бегање од избори нема да помогне на никого и затоа ги повикува да ја стават на дневен ред Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Собранието и за формирање на техничка влада согласно моделот на формирање на техничка влада 100 дена пред избори и одржување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори.