Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на телевизија Алсат, во врска со најавената коалиција со Алијанса за Албанците и со Алтернатива рече дека има две клучни работи.
„Прво, Алијанса и Алтернатива се позиционираат десно од центарот, тие формално не се членки на Европската народна партија, ВМРО-ДПМНЕ е член од Македонија, но тоа е спектрумот во кој се позиционираат, што тие првпат после поодамнешна соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, да на тој начин се направи коалиција на идеолошки блиски политички партии. И второто, можеби за мене најсуштински е што имаме ист поглед за она што се случува во моментов на Македонија, пред се’ во борбата со организираниот криминал и корупција, затоа што корупција има и во Гостивар каде што е Таравари градоначалник, но и во Струмица каде што е градоначалник еден од најблиските луѓе на Зоран Заев“, рече Николоски.
Тој додаде дека и покрај тоа што имаа различни ставови во врска со пописот, би било неприродно да имаат исти ставови, но она за што како што рече, претпоставува дека ќе се сложи и јавноста е имаат заеднички став и во моментов е приоритет број еден во државата.
„Во таа насока, јас сум убеден дека во следниот период пред локалните избори ние ќе можеме да зборуваме за рушење на оваа власт и за ново парламентарно нозинство“, рече Николски.
Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ почна со средби со граѓаните низ сите градови во Република Македонија. Според него, претстојните локални избори се одлична и голема шанса за ВМРО-ДПМНЕ да освои што е можно повеќе општини во земјата, за потоа да има причина да побара и предвремени парламентарни избори.
Николоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ соработува одлично со Алијанса на Албанците и Алтернатива, а пример за тоа е беспрекорното функционирање во Собранието на Република Македонија како опозициски партии. Тој посочи и дека на последниот собир организиран од фондацијата “Конрад Аденауер” присуствувале претставници на овие две партии, што е доволен показател за добрите односи и позитивното расположение во однос на можна коалиците помеѓу овие партии.
Сметам дека коалицијата е можна и многу порано пред локалните избори, доколку се конкретизира моделот на коалицијата и начинот на кој таа коалиција би функционирала. Добро е што опозициските партии се сплотени и целта на овие партии и крај на овој хибриден режим и градење на едно ново општество кое што ќе нуди успех на сите граѓани, додаде Николоски.
Тој беше дециден дека сите можни коалициски партии имаат исти гледишта на моменталната ситуација во државата и тоа е главниот двигател кој е заеднички за сите, бидејќи заедничката цел е иста.
„Главен императив на опозициските партии кои што би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ е оваа ненародна власт да си замине и да се формира ново парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ“, заврши Николоски.