Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „Топ тема“ на „Телма“ во дебата со Радмила Шекеринска истакна дека секогаш кога се отвора прашањето за корупцијата и за криминалите на Зоран Заев и на раководството на СДСМ, од неговата партија се обидуваат да ја сменат темата, да релативизираат и да зборуваат за минатото.
Како што изјави Николоски, функционерите на СДСМ и покрај тоа што повеќе од три години се на власт зборуваат за тоа што правеле Никола Груевски и претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
– За да ја дефокусира јавноста, мантрата на СДСМ е да зборува само за Груевски, иако тој не е Премиер веќе пет години, а не е претседател на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од три години. За тоа што било во минатото граѓаните се изјаснија во 2016., а сега сме 2020 година. Груевски не се обидува повторно да биде Премиер, но Зоран Заев сака пак да биде на функцијата и затоа треба да зборуваме за корупцијата и криминалот во кои е вмешан тој. Ние како партија не зборуваме за Бранко Црвенковски или за Владо Бучковски, зборуваме за сегашноста во која се наоѓа Македонија – истакна Николоски.