Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, беше гостин во емисијата „Отворено“ на Алфа телевизија.
По консултација со внатрешните органи на партијата и со граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ одлучи дека прашањето за референдумот е прашање кое ги надминува политичките партии, па затоа граѓаните треба сами да донесат одлука дали ќе излезат или не, на денот на референдумот на 30 септември.
„Ова е прашање што ги надминува политичките партии, односно ова е прашање кое што не се однесува на избори или на концепт или на одлука дали еден или друг ќе е премиер, дали една или друга политичка партија ќе биде на власт. Ова е прашање кое што е најкрупно во државата. За жал се решава на еден ваков начин на каков што се решава и затоа сметаме дека секој граѓанин поединечно, треба самиот да одлучи, да донесе одлука, што ќе прави на 30 септември“, изјави Николоски.
Тој го потврди дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно против Договорот од Преспа и дека не се согласува со содржината на истиот.
„ВМРО-ДПМНЕ го смета овој договор за непостоечки, за ништовен и смета дека неговата содржина е исклучително штетна по интересите и на Република Македонија како држава, и на македонскиот народ како доминантен народ во македонската држава и затоа сметаме дека ова е едно капитулантско дело кое што за жал беше потпишано од Заев и Димитров“, порача Николоски.
Тој додеде дека во таа насока сметат дека граѓаните, Македонците и останатите, знаат што се случува во државата и дека ќе донесат правилна одлука на 30 септември.