Има јасен континуитет на македонската борба за независнот, државност и самобитност на македонскиот народ преку јасно дефинирани позиции кои што се различни од сите наши соседи и тука разговори и преговори нема, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостувањето на Канал77.
Тој смета дека е аматеризам и предавство да се разговара за ваквите прашања бидејќи ако се наруши континуитетот на македонската борба таквите тези би довеле дека Македонија е вештачка држава.
-Преговори и разговори за ваквите прашања значат поткопување на македонската државност и всушност тоа е целта на Бугарија, да ја поткопа македонската државност затоа што доколку се покаже дека нема континуитет во борбата на македонскиот народ и македонската државност тогаш нивните тези би излегле вистинити, а тоа е дека Македонија е вештачка држава и вештачки народ што е апсолутно неточно и затоа го сметам не само за аматеризам туку и за предавство, изјави Николоски.
Тој рече дека прв кој што ги отворил овие работи во јавноста е претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој според Николоски имал шанса да биде прв претседател на Македонија коишто не е оспоруван ниту од власта ниту од опозицијата.
-Пендаровски излезе и јавно кажа дека најголемиот национален херој на Македонија е етнички Бугарин што е неточно, второ е неодржливо и трето и најважно не е работа на претседател на држава да ги поткопува македонските национални интереси, напротив работата е да ги штити, а после тоа, истото го надгради Зоран Заев и дојдовме во оваа ситуација во која што дојдовме, потенцира Николоски во интервјуто на Канал77.
Според Николоски, Зоран Заев разговара за работи за кои што нормален Македонец не би ни помислил да разговара. За работи кои што се факт, непобитни, бидејќи македонската борба за државност и за национално осамостојување има јасен политички и историски континуитет коишто не може да биде пресечен.