Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски на прес конференција кажа дека земјава нема да добие датум за почеток на преговори затоа што нема реформи во клучните области.
–И покрај капитуланскиот договор од Преспа со кој што Владата се обиде да го реши спорот за името, сепак минатата година немаше датум за почеток на преговори со ЕУ. Тогаш Владата вети дека ќе има овој јуни. Денес на сите им станува јасно дека и овој јуни датум за почеток на преговори со ЕУ нема да има. За жал нема да има. Велиме за жал затоа што тоа е на штета на цела држава и на сите граѓани на Република Македонија.
Тоа им беше на сите јасно, но сега еве и јавно. Тоа е така затоа што нема реформи во клучните области. Минатата година во месец јуни на владата и беше даден роковник и сет на реформи кои што требаше да се остварат. Тие реформи се практично она што е најзначајно за граѓаните на Република Македонија. Тоа се правосудни реформи, борба против организиран криминал и корупција вклучително и на високо ниво и реформи во разузнавањето и безбедносните структури, како и реформа на јавната администрација. Нешто што е насушно потребно за граѓаните во секојдневниот живот.
За жал скоро година дена подоцна тие реформи не се случуваат и затоа е многу извесно дека во јуни Македонија нема да добие датум за почеток на преговори. Сите други одговори се само изговори, кажа Николовски.
Николовски додаде дека е потребно оваа влада да си замине, затоа што се покажа дека во овие две години нема ни капацитет, ни волја да спроведе реформи.