ВМРО – ДПМНЕ е партијата која ги постави основите на независна и суверена Република Македонија. Веќе имаме трета генерација на ВМРО-ДПМНЕ и трет претседател на партијата, Христијан Мицковски, а секако свој придонес имаат и првиот Георгиевски, како и вториот претседател Груевски. Сега одиме напред и тоа како никогаш порано. На Македонија и е потребно ВМРО-ДПМНЕ, особено сега кога гледате што се случува изминатите три години. Економско уназадување, цвета корупцијата, нема владеење на правото и за жал и во втората година од потпишувањето на Преспанскиот договор, оваа влада неможе да почне преговори за членство во Европската унија – што беше нивно најголемо ветување, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во централните вести на Сител телевизија, а по повод 29 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додава дека во изминатата година ипол ние силно се фокусиравме на внатрепартиска реформа, многу работевме со нашите општински комитети, со нашите членови, во моментов трае постапка формирање на стручните партиски комисии, каде што ќе се обидеме да ги собереме врвните интелектуалци и експерти од својата област, и сите тие заедно ќе треба да подготват една програма што ќе даде одговор на најголемите предизвици кои што ги има Македонија во моментов.
Македонија, македонскиот народ и граѓани се понижени и тоа понижување мора да запре. ВМРО-ДПМНЕ има одговор на тоа понижување, тоа ќе оди во неколку сегменти во нашата програма каде што јасно и прецизно ќе објасниме каде ќе ја водиме Македонија во следниот период од како ќе ја формираме владата, рече Николоски.