Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, за време на своето гостување во емисијата „Штѕо не е јасно“ на телевизија „Алфа“, вели дека Македонија нема да добие датум за почнување на преговорите ниту во март.
Како што вели Николоски, причина за тоа што Македонија повторно ќе извиси за датум е тоа што не е мрднато со прст за да се направи нешто за отстранување на најголемата пречка, преку која Европа не може да прејде туку-така, односно корупцијата.
– СДСМ загубија секаква кредибилност да зборуваат за ЕУ. Тие официјално зборуваа дека го потпишале Преспанскиот договор затоа што со тој потег ќе сме добиеле датум за преговори уште во 2018 година, а сега сме 2020 година, а нема ништо од тоа. Мојата прогноза е дека нема да добиеме датум ниту во март годинава. Притоа, образложението ќе биде исто како порано. Причината зошто нема датум е корупцијата во највисоките врвови на власта. Ова е моја четврта прогноза дека нема да има датум. Јас посакувам овојпат да не бидам во право, но се сомневам дека ќе биде така. Тоа што го знам е дека со новата влада на ВМРО-ДПМНЕ имаме програма со која ќе работиме за 2020 да не биде изгубена година за евроинтеграциите и убеден сум дека веднаш штом ќе се види дека правиме напредок на тоа поле, новата влада ќе може да направи голем чекор за добивањето датум – вели Николоски.
Што се однесува до новата методологија за спроведување на пристапните преговори со Унијата, Николоски смета дека Македонија, во моментов нема потреба воопшто да размислува како ќе влијае таа промена.
Николоски е дециден дека тоа што Македонија треба да го прави е да си ја реши својата „домашна задача“, неопходна за добивање датум за преговори, а дури потоа да размислува за методологијата.
– Со Заев на чело, без оглед каква е методологијата, Македонија нема да добие преговори. Самата методологија е одраз на тоа каква е ЕУ внатре. Од една страна дава шанса да се покажете, но од друга има скриени политички елементи каде што може една земја да ве блокира. Сепак, ние не сме стигнати да зборуваме за методологијата. Во услови кога имаме случај каков што е „Рекет“ , никој не не прашува што мислиме за методологијата. Тоа ќе биде кога ќе ги почнеме преговорите. Ние не можеме да коментираме за методологијата, затоа што тоа би било како да сме во второ одделение, а да коментираме за што се случува во осмо одделение. Тоа е само заблуда што ја прават Заев и Никола Димитров, коишто зборуваат за се и сешто освен за тоа што треба реално да го направат за да се придвижиме кон Европа – вели Николоски.