Луѓето на премиерот Зоран Заев и на СДСМ градат приказна дека меѓународната заедница им дозволува да прават се што сакаат, бидејќи го променија името, пишува во последната колумна за Независен, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Николоски тврди дека тоа не е точно и е далеку од умот да се толерира криминал, корупција, непотизам, па и нерегуларни избори, но луѓето на Заев и на СДСМ упорно се обидуваат да внесат чувство кај граѓаните дека сè е однапред познато и одлучено и нивниот глас на избори е небитен.
Целта на овој наратив на луѓето блиски до Владата, според него, е да се обесхрабри отпор кај граѓаните и да влијаат врз нив на изборите, како и критиката кон власта да се сведе на минимум.
– Но, ова е наративот кој го градат луѓето околу Зоран Заев и СДСМ. И воопшто не е наивен! Има за цел неколку работи – да обесхрабри отпор и да внесе чувство кај луѓето дека сè е однапред познато и одлучено и нивниот глас на избори е небитен за да ги направи или апатични и не би излегле на гласање или би гласале за СДСМ со убедување и да гласат поинаку гласот ќе им оди кај СДСМ, затоа што тоа е така одредено и одлучено. Втората цел е да се сведе на минимум критиката кон власта за сите погрешни потези кои ги прави. Деновиве деца умираат, а речиси и да нема граѓанска реакција, во други услови десетици илјади луѓе би имало на улиците, деновиве се вработува сè што може а е роднина на функционер на СДСМ или ДУИ – повторно изостанува масовна реакција. Причина за тоа е чувството дека сè е однапред одредено и гласот не вреди. Ова е најопасното што може да ѝ се случи на која било демократија затоа што на тој начин фрустрацијата на граѓаните дека нивниот глас не вреди ќе се претвори во радикализам, кој може да доведе до непосакувани политички состојби и односи. – напиша Николоски.
Освен тоа, Николоски смета дека широко распространетата е и приказна дека претседателските избори се однапред одредени и дека на нив ќе има масовни нерегуларности со цел на сила да победи кандидатот на СДСМ.
– Нерегуларностите одат од предизборниот период па до денот на избори – од масовни вработувања на партиски послушници, преку уцени на луѓе со полиција, притисоци на јавана администрација, поткуп на гласачи, притисок врз медиуми, сè до полнење кутии на самиот изборен ден доколку е потребно. Сето ова веќе почнува да се реализира. Масовните вработувања на партиски послушници се секојдневие, притисокот врз медиумите исто така, а на големо се зборува и дека почнува подготовка и за другите предизборни и изборни „активности“. Најеклатантен пример дека Заев, Димитров и СДСМ не сакаат регуларни избори е бегањето од предвремени парламентарни избори. И тоа не е заради некакви реформи, еве го и февруари поминува реформи не видовме, туку исклучиво и само за да не стапат на сила механизмите на т.н. пржинска влада кои значат учество на опозицијата во Владата која ќе ги организира изборите. Намерата е јасна – фер, демократски и компетитивни избори да нема! – тврди Николоски.
Поради тие причини, тој побара од сите високи претставници на ЕУ и на САД, со кои се сретнал во Брисел и во Вашингтон, да направат чекори кон разбирање на вештачки создадена перцепција од страна на Заев, Димитров и СДСМ, како и да се направи сè да имаме фер избори без притисоци, закани, уцени, поткуп на гласачи, влијание врз медиуми и полнење кутии.
– Меѓународната заедница има јасни стандарди на демократски практики и нема ни да помисли да толерира неправилности. – констатира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ ко смета дека неопходна е силна и јасна порака во јавноста од меѓународната заедница, дека услов за членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ се фер, демократски и компетитивни избори, без толеранција за неправилности.
На крај Николоски напиша дека ВМРО-ДПМНЕ верува во силни институции и демократски процес и порача дека Заев, Димитров и СДСМ мора да сфатат дека на избори ќе ги стигне револтот од народот од сè што прават и ќе изгубат на нив.