Македонија 02. ноември 2018. / 11:23

Николоски им порача на сите кои ги спинуваат неговите тези: „Гладна кокошка просо сонува“

Николоски им порача на сите кои ги спинуваат неговите тези: „Гладна кокошка просо сонува“

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, на својот Фејсбук профил, истакна дека власта заедно со поранешните членови на партијата, преку лажни медиумски спинови се обидува да направи раздор во раководството на најголемата опозициона партија.

Тој напиша дека неговите изјави и интервјуа се следени од нив се вадат од контекст неговите зборови и тези.

– Откако на СДСМ и нивните сателити не им успеа планот за уривање на ВМРО-ДПМНЕ, во напад на паника заради нереализираната цел, се обидуваат преку спинови, извртување на тези и полувистини да направат раздор во раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Така се следат сите мои изјави и интервјуа, од нив се вадат од контекст зборови или тези кои кога ќе се погледне интервјуто значат едно, кога ќе се испинува значат друго. Знаеме покрај реализаторите кои се и инспираторите. Луѓе кои повеќе не се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Интересно е како овие луѓе кои долго кажуваа дека се столбот на ВМРО-ДПМНЕ наеднаш се координираат и договораат лажни медиумски спинови со перјаниците на владината пропаганда. Обидот е јалов зашто е прочитан. Имам само едно да порачам и на реализаторите и на нарачателите „гладна кокошка просо сонува“ – напиша Николоски на Фејсбук.