Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во најновата колумна во Независен.мк истакна дека има сериозни најави дека Македонија повторно нема да добие датум за преговори со ЕУ.
– Се реализираат најавите дека и покрај тоа што Зоран Заев и Никола Димитров потпишаа капитулантски договор за целосно обезличување на Македонија, за преименување на државата и бришење на македонскиот национален идентитет, повторно нема да има датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. А, да не заборавиме дека главно ветување на оваа двојка беше подобар живот што се огледува низ членство во ЕУ. Тука не ја потценувам улогата на НАТО, но сите знаеме дека членки на НАТО се и помалку развиени земји од Македонија, а дека елитниот клуб на благосостојба е сепак ЕУ. Какво е тоа национално понижување да се прекрстите себеси, а ЕУ да остане само далечен сон. Тоа е нешто за што ќе пишуваат генерации и генерации, пишува Николоски.
Николоски потсетува дека бил прв од македонските политичари кој уште минатата година во ноември најави дека ако Македонија не испорача на полето на реформите нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ ни во 2019 година, исто како што не доби датум ни во 2018 година, иако Заев и Димитров потпишаа да се промени името на Македонија. Тогаш во неговата колумна во „Независен весник“ насловена „Црни сценарија“ напиша:
–Сакам јавно да предупредам преку овие редови дека Македонија, доколку продолжи со ова ниско ниво на реализирани реформи, за жал, и следната година во јуни нема да добие датум за почнување преговори за членство во ЕУ. Без оглед на промената на името, ниското ниво на реализација на реформи во моментов е главната кочница Македонија да оди напред кон ЕУ“. Во истата колумна од 21 ноември додадов и „сакам да остане запишано дека седум месеци порано предупредував дека ако продолжи вака Македонија со ниско ниво на реформи, иако со променето име во Северна, понижена и ставена на колена, пак нема да добие датум за почеток на преговори во јуни 2019. Ќе бидам најсреќен доколку владата и Заев ме демантираат со својата работа и ова не се случи. Тоа ќе е добро за Македонија. Но како што сега стојат работите – многу тешко!
Николоски вели дека три месеци подоцна со истата порака во државава дошла француската министерка за европски прашања која го потврди она за што предупредувал.
-Натали Лоазо во интервју вели дека пристапните преговори ќе се отворат само и ако Македонија испорача во делот на реформите и ги исполни сите критериуми. Вели дека промената на името не е доволна, дека се потребни реформи. Таа потврдува дека за Франција, како и за неколку други влијателни земји членки на ЕУ, е многу побитно Македонија да е средена држава со силно владеење на правото, намалена корупција и стабилна економија која расте, отколку какви договори ќе прави со Грција. Самата во истото интервју вели дека времето е кратко, а очекувањата се големи и дека до сега Владата речиси да не испорачала реформи, напомнувајќи дека тие треба да се спроведени во реалноста, а не само напишани на хартија. И нагласува дека договорот од Преспа не е доволен.
Целата колумна може да ја прочитате на Независен.мк