Преспанскиот договор е неодржлив. Овој договор корен не фаќа и не е прифатен кај народот и нема ни да биде прифатен, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во последното интервју на Радио Слободна Европа.
Николоски потенцира дека процесотн а промена на името ниту во Македонија, ниту во Грција беше прифатен од населението.
– Јас минатата година, неколку дена пред изгласувањето на уставните промени, во месец октомври, разговарав со претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, му презентирав еден план за тоа како мислиме дека можат да се решат работите. Но овие критики покажуваат една посуштествена работа, а тоа е дека процесот ниту во Македонија, ниту во Грција бил инклузивен, односно владите го воделе самостојно. Гледаме со тек на време дека тие влади немаат ни поддршка од населението, во Грција се покажа сега на изборите, во Македонија ќе се покаже на следните парламентарни избори, што кредибилитетот на целиот изборен процес го доведува во прашање, зошто за такво битно прашање, суштинско прашање, за Македонија најбитно, а во Грција е во топ 3-4 прашања, ако не ги вклучите сите сериозни играчи на политичката сцена, се случува ова што се случува сега, а тоа е голем дел од политичката јавноста, но исто така и од населението да е фрустрирано од договорите. Во Македонија заради една работа, во Грција заради друга работа. Тоа е рецепт како не се прават договори. И затоа мислам дека овој договор е неодржлив. – рече Николоски.
Тој истакна дека договорот е неодржлив затоа што не го поддржуваат граѓаните.
– Овој договор не фати корен во Македонија. Поразговарајте со секого надвор, ќе ви каже дека не поддржува промена на името. Во Македонија тоа се покриваше во одредени структури со – Ајде мораме да поддржиме промена на името за да живееме подобро. Еве го подобриот живот не доаѓа. Втора година со ред не почнуваат преговори за членство со ЕУ. – кажа Николоски и повтори дека овој договор не фаќа корен и не е прифатен кај народот.