Македонија 19. декември 2019. / 15:25

Николоски до Заев: Го погрешивте човекот! Не ме познавате! Не ви се плашам ни вас ни никому!

Николоски до Заев: Го погрешивте човекот! Не ме познавате! Не ви се плашам ни вас ни никому!

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, информира дека добил тужба за клевета од премиерот Зоран Заев за дадена политичка изјава, со што се покажал принципот дека кога оваа власт престанува да има аргументи и е фатена во криминал продолжува со притисоци, закана, заплашувања и прогон. Кога власта има недостаток на кредибилитет сака да ги изгради со сила.

Како што истакнува Нколоски, кога е свесен оти губи и е уште само 16 дена премиер, и никогаш повеќе, Зоран Заев се заканува со неговото судство, со тужби и притисоци кон опозицијата.

– Сакам да ја информирам јавноста дека премиерот Зоран Заев поднесе тужба за клевета против мене за политичка изјава во којашто кажувам дека се изрекетирани преку 20 милиони евра и дека тој е на врвот на пирамидата. Изјавата поради којашто ме тужи ја цитирам: „Некаде пред две недели споменав дека вкупната сума на побарани и изрекетирани средства надминува 20 милиони евра. Досега ова никој не го демантираше, што значи дека е рекетиран повеќе од еден бизнисмен, рекетирани се многу бизнисмени, побарани се многу пари. Тоа е операција што не можат да ја завршат еден или двајца луѓе. Тоа е операција добро осмислена од врвот на СДСМ, координирана од Зоран Заев и понатаму управувана од целата држава за што е потребна кривична и политичка одговорност, затворен цитат“ – истакна Николоски.

Како што посочи Николоски, има иронија во фактот дека барањето за тужба е испратено од неговиот скап адвокат, Филип Медарски, познат по непотизмот во судството и во обвинителството. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, целта на оваа тужба е тој да биде натеран јавно да се извини, да се уплаши и да се повлече.

– Бара да му исплатам 60 илјади денари отштета, како и да му го платам скапиот адвокат. Бара 60 илјади денари отштета затоа што брат му Вице, исто така во тужба за клевета не успеа да добие од мене 30 илјади денари отштета, па сега веројатно по принципот евро за евро бара 60 илјади денари отштета за да можат со брат му да поделат по 30 илјади денари. Зоран којшто го советуваше јавно Вице да не ме тужи за клевета, сега тој истиот тој Зоран ме тужи. Тоа е тој тажен премиер во заминување којшто едно кажува, а друго прави. На сето ова јас едноставно ќе кажам: Го погрешивте човекот, го погрешивте. Не ме познавате, не ви се плашам и ќе одиме до крај. Ни вас, ни никому, особено кога ја говорам вистината. Ниту планирам да се извинам, ниту да се поблечам, ниту да ја свиткам кичмата, затоа што тоа не е дел од мојот карактер.Особено не кога ја говорам вистината – потенцира Николоски.