„Драго ми е што вистината излегува на виделина“, рече потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во одговор на новинарско прашање за коментар во врска со тоа дека почесниот конзул на Латвија пријавил кај Никола Димитров дека Бојан Јовановски му барал рекет.
Николоски потсети дека премиерот Зоран Заев му се закани дека ќе го тужи за клевета за случајот Рекет, откако пред неколку месеци во дебата на министерот за надворешни работи Никола Димитров, јавно во таа емисија, му кажа дека еден амбасадор од земја членка на ЕУ реагирал кај министерот за надворешни работи, затоа што почесниот конзул на таа држава, за која сега е познато името, бил рекетиран од Бојан Јовановски и други лица поврзани со него, синот на Катица Јанева и останати.
-Тоа тогаш беше најостро демантирано од Никола Димитров дека таква работа немало, дека тоа било лага и така натака. Но, пред вистината и Боговите молчат. Еве после неколку месеци во судска постапка се потврдува дека Никола Димитров знаел за рекет и не пријавувал за рекет затоа што е кривично дело, и би сакал да го повикам ЈО и сите останати органи да го повикаат Никола Димитров и да го прашаат зошто не пријавил и соодветно да спроведат кривична постапка против него затоа што затскривање или не пријавување кривично дело е исто така кривично дело. Очекувам прво министерот за надворешни работи да поднесе оставка и потоа кривично да одговара поради тоа што не го пријавил случајот „Рекет“, рече Николоски.