Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во гостување на „Канал 5“ зборуваше за случајот „Рекет “, при што побара од Зоран и Вице Заеви јавно да кажат на македонската јавност што разговарале со осомничените во овој случај.
– Сакам да ги прашам дали имале мастер план за скривање на случајот „Рекет“ што го договарале Зоран Заев со Катица Јанева и Вице Заев заедно со Зоран Милески Кичеец и со Боки 13 и дали тој мастер план требало да се реализира и дали тој мастер план е пореметен само заради објавувањето на снимките со торбата „Луј Витон“ во италјанскиот весник „Ла Верита“ – изјави Николоски.
Николски во своето гостување рече дека е јасно во текот на месец август, пред да биде притворена Катица Јанева дека таа имала средба со Зоран Заев и дека Заев треба да одговори што разговарал со Јанева во текот на месец август.
Николоски праша, ако е вистина дека тој го пријавил случајот „Рекет“ за што немаше никаков писмен доказ, тогаш што барал да се среќава со неа во текот на месец август, ако и самиот не бил на врвот на пирамидата односно самиот не ја координирал акцијата „Рекет“.
– Исто така во кое својство неговиот брат како и семејниот адвокат се среќаваат со друг осомничен во случајот „Рекет“ во текот на месеците јуни и јули кога е јасно дека има афера „Рекет“ и кога истата е позната во јавноста. Сигурно не разговарале за временска прогноза или каков е денот, сигурно разговарале за тоа како да се скрие случајот „Рекет“ и мислам дека доколку не се објавеа оние снимки кои се објавија, тој мастер план кој што го развиле на тие состаноци ќе се реализирал – додаде Николоски.