ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа состанок на Извршниот комитет, каде донесоа неколку клучни одлуки.
Бевме сведоци на еден целосно недемократски и криминален процес и затоа целата постапка на референдумскиот резултат ја прогласуваме за голем фалсификат и резултатот на референдумот не го признаваме- изјави потпретседателот на партијата Александар Николоски.
Од партијата упатија порака до власта да престане со шиканирање, разместување и бркање од работа на сите оние кои што одлучија да гласаат против или да не излезат на референдумот, а за тоа од ВМРО-ДПМНЕ ќе преземат соодветни мерки и повикаа раководителите на инситуциите и газдите на фирмите да не вршат никаков притисок врз вработените.
Извршниот комитет заклучи дека Договорот од Преспа е политички мртов и е празно слово на хартија – кажа Николоски.
ВМРО-ДПМНЕ на состанокот донесе неколку заклучоци:
1. Во Собранието да се формира анкетна комисија составена од пратеници, која ќе ги истражува сите неправилности и нерегуларности кои се случија на денот на референдумот, а заклучоците од комисијата да се процесираат пред органите на прогонот и сите кои правеа неправилности пред, на и по денот на референдумот да бидат санкционирани.
2. Барање за разрешување на актуелниот Јанвниот обвинител, кој е предложен од власта и кој замижува пред очигледниот криминал и нерегуларности пред, на и по денот на реферндумот. Исто така од ВМРО-ДПМНЕ бараат избор на нов јавен обвинител на предлог на опозицијата.
3. Доколку Заев распише избори, ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ќе победат. Ако се оди на избори, да се почитува законот за избори, според кој ќе се формира влада по пржинскиот модел, со мандат од 100 дена. Тоа значи оставки на Заев, Спасовски и Царовски и министри за внатрешни работи и труд и социјална политика да бидат од ВМРО-ДПМНЕ, 100 дена.
4. Во однос на кадровските прашања на ВМРО-ДПМНЕ, одлучија да се формира Републичкиот изборен штаб на чие чело ќе биде генералниот секретар на партијата Игор Јанушев и Градски изборен штаб на град Скопје, на чело со потпретседателот Владо Мисајловски.
Николоски беше концизен и уште еднаш повтори дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е единствена.