Никола Тодоров поранешниот министер за здравство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денеска рече дека е гласа на престојниот референдум.
Тој на денешната дебата на тема „Дебатираме за НАТО“ во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции, со поддршка на МНР и амбасадата на Холандија, истакна дека кога партијата одлучила самите да донесат одлука, тогаш тој ќе излезе и ќе гласа.
– Македонија мора да е дел од НАТО и јас сакам да ја видам Македонија како дел од Алијансата. Во рамки на тоа е и мојот став. Јас го разгледав ставот на партијата во однос на референдумот и имам право да одлучам како сакам. Не излегувам од ставот на партијата, напротив сметам дека мојот став е во рамки на партискиот став. На овој референдум јас ќе излезам и ќе гласам „за“ ЕУ и НАТО, а „против“ договорот. Некој ќе рече нема такво прашање, јас ќе речам има. Се ми е јасно, јасен ми е контекстот, јасно ми е дека мораме да бидеме членка на НАТО, потоа и на ЕУ. Јасен ми е и регионалниот контекст, рече Тодоров.
Јасни се сите предизвици, посочи тој, кои можат да надвиснат над Македонија и во каква ситуација може да биде.
– Сите аспекти ми се многу јасни, но тоа е рационалното, а емотивното не ми дозволува да заокружам „за“. По мене ВМРО-ДПМНЕ не смее да бојкотира затоа што не смее да биде мала гласна изолирана група на граѓани коишто се контаминирани. ВМРО-ДПМНЕ мора да биде силно мнозинство и затоа не смее да си дозволи да бојкотира. ВМРО-ДПМНЕ е уставотворна и државотворна партија и не може да дозволи да следи некои групи коишто заговараат бојкот. Друго ќе беше ако ВМРО-ДПМНЕ пред два-три месеци излезеше и речеше ние бојкотираме. Во ваква ситуација кога тој простор е заземен и воден од некои маргинални политички структури ВМРО-ДПМНЕ да биде партија која што ќе следи такви структури. ВМРО-ДПМНЕ мора да води, вели Тодоров
Тој додава дека би бил неконзистентен ако не излезе на референдумот затоа што, како што посочува, „ќе ми најдете 20 изјави и говори каде што велам дека тоа решение мора да помине на референдум“.