Македонија 27. декември 2020. / 16:44

Несинхронизирани изјави: Владата го разгледува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за пописот, Шеќеринска против

Несинхронизирани изјави: Владата го разгледува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за пописот, Шеќеринска против

Кога една партија неколку месеци пред пописот што сите го чекаме речиси 20 години, ќе ви даде предлог да се купат илјадници апарати за чија набавка не само што требаат пари, туку треба и долг временски период, тоа практично покажува дека повторно не сака да има попис.

Ова денеска го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска по отворањето на стрелиштето на Армијата и на МВР во касарната „Илинден“, на кој присуствуваше заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Тоа е истата партија која еднаш тргна во попис, самата ги рушеше правилата на попис. Потроши 4 или 7 милиони евра и потоа рече „пу пу не важи“. Оваа држава не може веќе ништо да планира и не може да личи на сериозна држава ако уште еднаш го одлага пописот. И овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ е само уште еден обид да се одлага пописот и да се проблематизира за да не се покаже дека кога државата сака да има попис, може да има попис, рече Шекеринска, одговорајќи на новинарско прашање.

Претходно на прес конференција во Владата портпаролите изјавија дека се  разгледува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на терминал за отпечаток од прст за пописот, соопшти денеска владиниот портпарол, Муамет Хоџа.

Хоџа на прес-конференција во Владата истакна дека спроведувањето на пописот е во интерес на сите и повеќе не смееме да го одложуваме.

Пописот е статистичка операција и во него нема политика ова се разгледува од надлежните институции, но сакаме да потсетиме дека спроведувањето на пописот е во интерес на сите. Државата треба да ги знае клучните статистички податоци и тоа е операција која повеќе не смееме да ја одложуваме зашто нејзиното организирање е за општо добрo.