Македонија 07. декември 2020. / 09:54

Нема криза за партиски вработувања: Заев ветуваше намалување на администрацијата, но нова тура огласи

Нема криза за партиски вработувања: Заев ветуваше намалување на администрацијата, но нова тура огласи

Министерствата за финансии, за труд и социјална политика, како и тоа за економија изминатат недела објавија огласи за десетици нови вработување. Додека се бара решение за огромната превработеност во државната администрација, новите вработувања не запираат. Во услови на криза, постојано се појавува „недостиг“ на вработени во некои државни институции.

Министерството за труд и социјална политика во петокот објави оглас за вработување на 10 позиции, од кои шест се за советници – за јавни набавки, за веб-администрирање, за меѓународни прописи и за нормативни работи, за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и за брак и семејство, а платата е 26.540 денари. За останатите четири места платите се помали а станува збор за благајник, референт, архивар и помлад соработник за административно-техничка поддршка.

На 2 декември Министесртвото за финансии објавило оглас за 17 позиции за соработници во Управата за имотно-правни работи, под чија надлежност се експропријациите и денационализациите. Станува збор за службеници во подрачните единици во Чаир, Велес, Куманово, Крушево, Центар, Карпош и Охрид. Се бараат и раководители и помошник-раководител на секторски одделенија за даноци и царина, четворица во секторите поврзани со ИПА-фондовите и еден кандидат за помошник во министерскиот кабинет. Платите се движат од 32.800 најголемата до 14.500 најмалите.

Министерството за финансии исто така на почетокот од месецот објавил оглас за две вработувања во Бирото за јавни набавки од кои еден за советник за ИПА програмирање и еден за советник за човечки ресурси кој треба да е Турчин. Платата и за двете позиции е 26.250 денари.

Министерството за економија вработува петмина службеници во Државниот инспекторат за техничка инспекција, од кои еден виш инспектор за нето-плата од 30.000 денари, и четворица други помлади инспектори во различни сектори за нето-приход од 22.000 денари во оглас што трае до 16 декември.

Владата и премиерот Зоран Заев најавија во овој мандат кратење на јавната администрација за 20 проценти, со што би се зголемила продуктивноста на општеството и би се обезбедиле дополнителни финансиски средства.