Не постои ново писмо од Катица Јанева со кое поднесува оставка од позицијата специјален јавен обвинител. Објавата на ТВ Сител од синоќа е дезинформација. Ова е констатацијата до која дојде „360 Степени“ по проверката во Советот на јавни обвинители, во Кривичниот суд – Скопје и во истражниот затвор во Шутка.
Во Советот на обвинители нема пристигнато никакво писмо од Јанева ниту имаме сигнали од Кривичен суд за такво нешто“, изјави денеска за „360 Степени“ претседателот на Советот, Ацо Колевски.
Ни во Кривичниот суд, каде судија на претходна постапка би требало да примил писмо за потоа да го препрати до Советот, не знаат за нова пошта од Јанева од истражниот затвор „Скопје“. Ни во затворот во Шутка, каде Јанева ја издржува мерката притвор, немаат информација за писмо-оставка од специјалната обвинителка.
А, дури и Јанева да имаше поднесено оставка, Советот на јавни обвинители нема надлежност само да ја констатира, односно да ја прифати. Процедурата е сложена дури и ако за престанок на функцијата на шефот на СЈО се одлучува по негово сопствено барање. Според член 17 од Законот за СЈО, во овој случај (оставка), престанокот на функцијата ја утврдува Советот на јавни обвинители на предлог на Собранието. Процедурата до која Собранието стигнува до предлогот е иста како и процедурата за разрешување (од член 18 од Законот за СЈО) и води преку согласност од четирите партии со најголем број пратеници и двотретинско и бадентерово мнозинство на пленарна седница, пишува 360 степени.