Македонија 02. април 2020. / 08:16

НАТО денеска за првпат во историјата ќе одржи состанок преку видео-врска

НАТО денеска за првпат во историјата ќе одржи состанок преку видео-врска

Министрите за надворешни работи на 30 држави на НАТО ќе разговараат денеска на својата прва видео конференција во историјата, за одговор на Алијансата на пандемијата на корона вирус и други клучни прашања.

Тоа ќе биде прва видео-средба во 70-годишната историја на Алијансата. Пристапот до седиштето на НАТО во Брисел е ограничен за сите посетители, вклучително и новинарите, за да се минимизира ширењето на зараза.

-Треба да се осигураме дека здравствената криза нема да предизвика безбедносна криза. Ние се обидуваме да преземеме акција за превенција на Ковид 19, но НАТО продолжува да функционира, бидејќи заканите нема да исчезнат со чудо, рече Столтенберг во видео конференција за новинари.

Министрите за надворешни работи, исто така, ќе разговараат за улогата на НАТО во борбата против меѓународниот тероризам, вклучувајќи ја и мисијата за обука на ирачките сили, а потоа и за обезбедување долгорочен мир и стабилност во Авганистан.

Министрите ќе разговараат и за зајакнување на политичката улога на Алијансата. Генералниот секретар Столтенберг во вторникот назначи група од десет експерти кои ќе го советуваат како да се зајакне политичката димензија на Алијансата.

Во оваа советодавна група има пет жени и пет мажи. Копретседавачи на групата ќе бидат поранешниот германски секретар за внатрешни работи и одбрана Томас де Мезиер и Вес Мичел, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.

Таа група ќе предложи препораки за зајакнување на единството на Алијансата, зајакнување на политиките за консултации и координација меѓу сојузниците и зајакнување на политичката улога на НАТО.