Во Кавадарци дел од учениците беа примени на првиот училишен ден во основните училишта, дел пак беа вратени поради штрајк на наставниците.
И покрај најавата на интернет дека денеска ќе започне наставата, Штрајкувачкиот одбор при ООУ „Тошо Велков Пепето” одлучи да се штрајкува. Присутни беа околу половина од 74 првоодделенци со родители. Директорот Блаже Велков и наставниците ги пречекаа и им кажаа дека наставата почнува утре.
Директорката на ООУ „Гоце Делчев”, Весна Ангеловска прими околу 66 првоодделенци во холот на училиштето, им посака среќен почеток и ги повика утре на настава. Штрајкувачкиот одбор одлучи да нема настава.
– Педесет и пет првоодделенци денеска беа примени во ООУ „Страшо Пинџур”, дел од наставниците штрајкуваа, но сепак учениците беа прифатени од други наставници. Учениците ги добија потребните информации како за прв училишен ден. – информираше в.д. директорката Илинка Бакева.
Весна Шошева, директор на ООУ „Димката Ангелов-Габерот” во Кавадарци, рече дека штрајкувачкиот одбор одлучил да се штрајкува, но сепак првоодделенците кои дошле биле примени во холот на училиштето и им било објаснето дека наставата официјално почнува од утре. Овде се запишани 51 ученик во прво одделение.
Како што соопшти директорот на ООУ „Димката Ангелов-Габерот” од село Ваташа, Марјанчо Јанкулов денеска 29 првачиња беа свечено со приредба примени во училиште, а другите наставници го поддржуваат штрајкот.