Кривичниот суд му даде зелено светло на СЈО за случајот „Талир“, па набрзо ќе биде закажано рочиште.
Обвинетите кои се поранешни високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и неговите доскорашни соработници Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски, ќе треба да седнат на обвинителна клупа, дознава „Фокус“.
За случајот на Чингаровска нема да и се суди, бидејќи таа неодамна доби двегодишна условна казна откако се спогоди со СЈО и призна вина.
На обвинетиот Никола Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Спротивно на законските прописи, обвинетите прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424,00 денари, односно 8.246.576 евра.