Во знак на чествување на 11 март, Денот на депортацијата на Евреите од Македонија, и во чест на гордата Еврејка од Македонија, Рашела Мизрахи.
Пишува: Предраг Димитровски
„Честа на Бугарија и на нејзиниот народ не е само прашање на Чувство. Таа е, пред се, елемент на нејзината политика“. Ова е дел од протестното писмо на потпретседателот на бугарското собрание Димитар Пешев испратено во 1943 година до тогашниот премиер Богдан Филов како дел од општествената полемика против испраќањето на бугарските Евреи во нацистичките логори на смртта.
„Евреите добро знаат дека за нив нема кој да се застапи авторитетно, освен бугарската црква и дека ако таа делува поенергично, нејзиниот глас не може да не биде слушнат…И ако нашата црква не се вмеша за да ги заштити тие несреќни луѓе, ние можеме да очекуваме уште поголеми предавства и суровост, за кои еден ден нашиот добродушен народ ќе чувствува срам, а можеби и други непријатности“. Ова, пак, е дел од изјавата на софискиот митрополит Стефан од 2 април 1943 година, дадена во истиот контекст.
Бугарија, иако сојузник на нацистичка Германија за време на Втората светска војна, усоеа да ги спаси Евреите, кои живееле во нејзините тогашни државни граници. Но, за жал, тоа не успеала да го стори и со Евреите од Западна Тракија и од Македонија.
Токму на денешен ден, 11 март 1943 година, значи пред 77 години, бугарската војска ќе започне со депортацијата на Евреите од Македонија во нацистичките логори на смртта. Над 7.000 луѓе од овие простори ќе бидат жртви на холокаустот и на мрачниот човечки ум, какви не памети историјата на човештвото. А, меѓу нив се наоѓале и 85 луѓе од еврејското семејство Мизрахи од Македонија.
И токму на денешен ден нивната директна наследничка, гордата Еврејка од Македонија, Рашела Мизрахи, ќе биде промовирана како дел од пратеничката листа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со број 2 во втората изборна единица, подготвена за претстојните праламентарни избори, закажани за 12 март.
Ова, всушност, ќе биде нејзина втора промоција, по онаа првата, кога беше избрана и од чиста лудост експресно разрешена од страна на парламентарното мнозинство од функцијата технички министер за труд и социјална политика. Велам чиста лудост, зашто образложението оти го прекршила Уставот и не го почитувала Договорот од Преспа, беше наивно, проѕирно, неиздржано и крајно инфантилно.
Гледано од оваа временска дистанца, Македонија очигледно нема личности од калибарот на Пешев или митрополитот Стефан, уште помалку личности кои знаат што е чест за еден народ, особено за Евреите, а зошто не и за Македонците, кои како мали народи се и историски поврзани. За оние кои се помалку упатени, темелите се удрени уште со настапот на Димитар Влахов во турскиот парламент во далечната 1908 година, по Младотурската револуција, во кој, меѓу другото, парафразирано, ќе рече дека сите мали народи, вклучувајќи ги и Евреите, заслужуваат свои држави.
За жал, денес, во 21 век, Македонија има свои понтиј пилати, послушници и џелати, кои не знаат ни за чест, ни за достоинство, ни за правда и се во името на лекување на своите фрустрации, неспособност, заслепеност со омраза кон се што не мисли и расудува како нив.
Рашела Мизрахи е, пред се, човек, Еврејка, па дури се останато потоа. Што значи, и член на ВМРО-ДПМНЕ. Е сега, на таков човек и Еврејка, припадник на народ кој се одликува со знаење, умеење, работливост, но пред се со чесност и достоинство, нашите понтиј пилати му велат плати казна од 5.000 евра и смени ја таблата со името Република Македонија, зашто сме добиле вербална нота од пријателите од Грција.
Не! Она ќе ви даде не 5.000, туку 50.000 евра, ама нема да дозволи да биде скршена не како припадник на ВМРО-ДПМНЕ, туку како човек и личност, припадник на народ, кој повеќе од 2.000 години се бори за свој опстој, а на овие простори е присутен повеќе од пет столетија. Не заради друго, туку затоа што таа проклета табла ниту ја донела од дома, ниту ја напишала, ниту е хаусмајстор, ниту домар во министерство, што и беше доделено да го води.
Нашите понтиј пилати на добиените вербални ноти едноставно не знаат да одговорат-во ред, простете што се случува такво нешто, ве молиме за малку разбирање со оглед на предизборниот период и веднаш ќе издадеме наредба до надлежните служби да ја исправат грешката. Не, тие не ни помислуваат на такво нешто. За нив е поважно да се обидат да скршат еден човек и една личност, кој не припаѓа на нивната идеолошка матрица, се во името на ситните дневно-политички поени. А, колку успеале во тоа?! Е, тоа е сосема друго прашање, чиј одговор влегува во сферата на семејната, колективната и националната меморија, што не ја менува ни силата, ни моќта, посебно не манифестирана од таквите како нашите понтиј пилати.
Госпоѓа Мизрахи, со големо извинување за досега стореното, многу успех во изборната трка.
Токму на денот денешен, 11 март, 2020 лето господово-Да се памети, да не се заборави.