Македонија тоне во енормно количество ѓубре, расфрлено и депонирано буквално насекаде. Ова е делот околу Визбегово. Дивите депонии се регистрирани од Инспекторатот за животна средина, на повик на совесни граѓани.
Но, од инспекторатот не кажуваат што ќе преземат, туку само кусо информираат дека излегле на терен по пријава, фотографирале и најавуваат дека трагаат по сторителите?! Дали ќе се преземат конкретни мерки за чистење, предупредување на околните жители и нивно казнување за да не се повтори ова, не кажуваат.
Ова е туристичкиот центар Попова Шапка, во лето. Снег нема , па се гледа целата човечка беда и некултура, и сета негрижа на локалната самоуправа. Секој фрла каде ќе му текне и никој за тоа не одговара , ниту пак е санкциониран.
Подолу крај патот кон Тетово, пред неколку години уреденото излетничко место со корпи за отпадоци и клупи, е прекриено со смет, во срцето на планината.
Надлежните институции, почнувајќи од локалните самопуправи, градоначалниците, комуналните претпријатија, па сѐ до Македонија пат која е задолжена за чистењето на патиштата, односно покрај нив, не е доволно да се каже дека потфрлија, туку едноставно не знаат и не си ја вршат работата за која се одговорни. И никој не ги повикува на одговорност, туку без мува да ги лази, си ги тераат своите функционерски мандати. И не само тоа, туку ги ротираат од еден ресор во друг, од една институција во друга. Резултати со минусно салдо, негативни, не се ниту на 0, на мртва точка, туку се штетни за државата, општеството и граѓаните.
Скопје како никогаш досега е валкано и неисчистено. Неодамна група волонтери, на иницијатива на Ирена Ристиќ, го исчистија ѓубрето кај Пошта 2, а камиончиња на општина Центар , ги собраа црните вреќи и никому ништо. Молк.