Универзитетскиот професор на факултетот за безбедност, Александар Нацев, во интервју за „Лидер“ говори за тоа што Македонија може да очекува од членството во НАТО и кои ќе бидат главните придобивки од таквото членство.
Како што вели Нацев, нашето членство во НАТО ќе има позитивен ефект пред се во сигурноста на државните граници, како и зголемување на општествената безбедност. Сепак, Нацев ги истакнува и индиректните ефекти од членството во НАТО, коишто ќе може најмногу да се почувствуваат во делот на економијата. Така, Нацев потенцира дека со членство во НАТО територијата на Република Македонија ќе се смета за побезбедна дестинација за инвеститори од странство
Дали е извесно членството во НАТО и кога може да се очекува да се случи тоа?
Република Македонија своето членство во НАТО Алијансата го смета како стратешка заложба и гледа на НАТО како на еден од клучните столбови на современата европска безбедносна архитектура. За ова постои широк политички и општествен консензус, кој датира уште од самиот почеток на патот на Република Македонија кон НАТО, од декември 1993 година, кога Собранието на Република Македонија ја усвои Резолуцијата за пристапување на РМ во НАТО. Нецели шест години подоцна, во април 1999 – на Самитот на НАТО во Вашингтон, Р. Македонија официјално стана земја кандидат за членство во Алијансата. Оттогаш, земајќи ги предвид консензусот на сите политички чинители во земјата и високата поддршка на јавноста за членството во НАТО, Р. Македонија работи на својата стратешка определба, а тоа е полноправното членство во НАТО. До овој момент, освен Шпанија, Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО го имаат потпишано сите останати 28 земји членки на Алијансата. Се очекува во следниве недели да заврши постапката во Шпанија и Република Македонија да стане полноправна членка на НАТО.
Какви придобивки и ефекти може да се очекуваат од нашето членство во НАТО?
Директните ефекти од нашето членство во НАТО најмногу ќе се забележат во делот на одбраната и безбедноста. Примарно, нашето членство во НАТО ќе има позитивен ефект во сигурноста на државните граници, како и зголемување на општествената безбедност. Како дел од системот за колективна одбрана на НАТО, ќе се направи усогласување на националниот систем за одбранбено планирање со системот на НАТО Алијансата. Исто така, несомнено е дека ќе има дополнително зајакнување на способностите и капацитетите на АРМ како последица од учеството во НАТО командите и воената структура на НАТО.
Индиректните ефекти од членството во НАТО ќе може најмногу да се почувствуваат во делот на економијата, од причина што територијата на Република Македонија ќе се смета за побезбедна дестинација за инвеститори од странство. Сепак, овде треба да се внимава, да не се поткрева огромна еуфорија дека сега ќе станеме инвестициски рај и работите драстично ќе се сменат, од причина што и додека бевме земја партнер, во нашата држава пристигнаа голем број странски инвестиции, а како потврда на ова може да се додаде и состојбата со соседна Србија, која иако не е членка на НАТО, сепак одлично функционира во делот на привлекување странски инвестиции. Уште еден бенефит од економска природа ќе биде и можноста на нашите домашни фирми да учествуваат на тендерите кои ги распишува НАТО, а кои се достапни само за земјите членки. Дополнително на ова, одредени бенефити од членството би имало и во другите сектори, како на пример во делот на комуникациско-информатичката индустрија, туризмот и инфраструктурата.
Каква е внатрешната динамика во Алијансата?
Последниов период имаше неколку контроверзни изјави од лидерите на некои од НАТО земјите
Изјавата на претседателот Макрон во пресрет на Самитот на НАТО во Лондон во декември 2019 година, дека Алијансата е во состојба на „мозочна смрт“, предизвика бура од реакции на глобално ниво и претставуваше своевиден продолжеток на низата изјави дадени од Претседателот на САД, Доналд Трамп, во кои тој отворено ја критикуваше состојбата во која се наоѓа Алијансата, а упати и серија критики кон останатите сојузници. Ваквите сукцесивни настани укажуваа на тоа дека внатрешната динамика во НАТО Алијансата не е на посакуваното ниво, и дека можеби е дојдено времето за интроспекција и корекција на некои состојби, но и зајакнување на екстерната проекција на Алијансата, преку зајакнување на чувството на насоченост кон остварување одредени цели.
Последниот Стратешки концепт на НАТО – кој претставува консензуална изјава на сојузниците во однос на заканите и планираните одговори кон овие закани – беше донесен на Самитот на НАТО во Лисабон, во ноември 2010 година. Некаде шест години подоцна, во 2016та година веќе почна во одредени кругови да се зборува за потребата за нов Стратешки концепт, бидејќи безбедносната ситуација беше драстично променета за разлика од 2010 година, и веќе имавме сериозни промени во безбедносниот амбиент. На пример, во 2016 веќе беше јасно дека НАТО треба повеќе внимание да обрне кон Русија, повлекувањето од Авганистан на единиците на НАТО беше во тек, а во тој момент беше во полн ек и мигрантската криза.
Од своето формирање, НАТО има усвоено седум Стратешки концепт, и најголем дел од нив се донесени во ситуации кога Алијансата имала потреба да се позиционира кон одредени драматични промени од безбедносна природа во евро-атлантскиот реон. Како непишано правило, новите Стратешки концепти биле базирани врз основа на претходниот, притоа проценувајќи ја релевантноста на неговите делови со актуелната ситуација, како и исполнетоста на зацртаните мисии и цели. Па така, за очекување е дека Стратешкиот концепт од 2010 година ќе биде почетна точка кон развивањето на новиот Стратешки концепт. За очекување е дека трите основни столба на Алијансата ќе продолжат да бидат релевантни, а тоа се колективната одбрана, кризниот менаџмент и безбедносна соработка. Политиката на отворена врата на НАТО кон потенцијални нови членки со сигурност ќе биде потврдена, бидејќи таа е една од највлијателните инструменти на Алијансата за проектирање на стабилност.
Каде е позицијата на Република Македонија во овој дел и какви чекори треба да се преземат?
Извесно е дека додека да се донесе нов Стратешки концепт, Република Македонија веќе ќе биде полноправна членка на НАТО. Следниот Стратешки концепт на НАТО ќе биде важен за Македонија како насока за понатамошна одбранбена трансформација, за новите капацитети кои треба да се развијат, структурата на сили, опрема и видот на мисии за кои вооружените сили треба да бидат подготвени. Стратешкиот концепт кој треба да биде објавен во наредниот период ќе ги постави насоките за Алијансата за наредната декада и за потенцијалните реформите на организацијата. Во таа насока, безбедносниот систем на Република Македонија мора да изгради капацитети за справување со широк дијапазон на безбедносни закани, дел од кои го таргетираат НАТО како целина, но добар дел од нив се насочени и кон индивидуалните земји членки, согласно тактиката „синџирот е силен колку неговата најслаба карика“. Токму затоа е неопходно градење на способности и капацитети кои ќе бидат на еднакво ниво кај сите сојузници и ќе постои интероперативност помеѓу сојузниците, како и координиран одговор на секоја потенцијална безбедносна закана. Факт е дека Владата мора да го промени односот кон финансирањето на безбедноста и одбраната. Во однос на членството во НАТО, треба да се работи кон обезбедување на средства во одбраната во висина од 2% од БДП. Повеќе од јасно е дека овој износ не може да се постигне наеднаш, туку ќе биде постигнат сукцесивно, во согласност со економската моќ и развојот на државата во наредниот период.