Македонија 21. март 2020. / 08:45

На свој трошок: Државен карантин за сите што не ја почитуваат мерката за самоизолација

На свој трошок: Државен карантин за сите што не ја почитуваат мерката за самоизолација

Владата на 24-тата седница го задолжи Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство да подготви соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапката за спроведување во државен карантин.

Согласно заклучоците на Владата, сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против нив да биде поведена соодветна постапка. Трошоците за време на престојот во државен карантин ќe бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка.

Истовремено, се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата да направат детален оперативен план за спроведување најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот Ковид – 19.

Објектите кои ќе бидат определени за државен карантин да бидат обезбедувани од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Армијата, секој кат од објектот, секој влез и излез на објектот и просторот околу објектот.