Прилепското инфективно одделение е полно со пациенти.
Капацитетот од 30-тина легла е пополнет, ама битката за здравјето на пациентите не стивнува, вели раководителот на одделението, инфектологот Мирјана Крстеска.
– Сите месеци беа бескрајно турболентни. Такво искуство досега не сме имале. Признавам, во почетокот на пандемијата бевме по малку збунети, дезориентирани и не знаевме со што се соочуваме. Тоа беа турболентни денови и месеци, вели Крстеска на влезот од Инфективното одделение, каде постојано е навалица од пациенти кои сакаат да се прегледаат и да се тестираат.
Сите месеци досега, според Крстеска, најголемиот проблем бил недостигот од персонал. Сега, кога напомош им се колегите, оптимизмот расте.
– Ни требаше сѐ, а најмногу персонал. Се снаоѓавме како знаеме и умееме. Така беше во многу средини. Ние се организиравме да им излеземе во пресрет на пациентите. Се случувало сами да ги „влечкаме“ боците со кислород до пациентите. И јас, како и колегите, тоа го правевме. Тешки времиња, ама се чини, најбитен е оптимизмот, позитивната мисла да се истрае, вели Крстеска.
Последниве денови, со енормното зголемување на бројот на заболени од коронавирусот има премногу навалица. Според Крстеска, организацијата е најбитна.
– Последниве два дена сме повеќе организирани. Имаме вклучено повеќе лекари, сега во моментов се тројца. Од нив, еден работи на катот со лежечките пациенти, а двајцата со преглед на пациенти. Сѐ уште има навалица бидејќи се земаат брисеви, сега се на ред пациентите за преглед. Вкупно, медицинската екипа брои 15 души, објаснува Крстеска.
Во моментов на прилепското инфективно одделение се хоспитализирани 30-тина пациенти, а другите 30-тина се на одделенијата во болницата кои станаа ковид-центри. Тимот на Инфективното одделение се обидува да излезе на крај со предизвиците.