Во денешната заедничка изјава на д-р Илир Демири од Kлиниката за инфективни болести и член на Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство и д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог од Институтот за јавно здравје беше потенцирано дека во Македонија, во моментот нема регистрирано лица заболени од западнонилска треска.
Д-р Илир Демири посочи дека досега на Инфективната клиника не е регистриран ниту еден пациент заболен од овој вирус. Од пациентите, кои се јавуваат на преглед на Клиниката за инфективни болести не е поставено ниту сомнение за инфекција со вирусот.
Тој посочи дека инфекцијата најчесто поминува без појава на симптоми и потешкотии – најголем процент од инфекциите со овој вирус кај човекот, дури 80 проценти се без симптоми, а преостанатиот процент најчесто се манифестира преку благи форми, со симптоми слични на грип, кои поминуваат за три до шест дена.
Д-р Гордана Кузмановска истакна дека Институтот за јавно здравје во континуитет ја следи состојбата со сите заразни заболувања, вклучувајќи ја и западнонилската треска и располага со современа лабораториска дијагностика за испитувања и потврда на евентуални сомнителни случаи.
Таа потенцираше дека не секој комарец е носител на вирусот и дека не секој убод значи дека лицето може да заболи. Статистички гледано, потешки невроинвазивни форми на болеста се манифестираат само кај 1% од инфицираните лица, кои се јавуваат најчесто кај постари лица или лица со намален имунитет.