Македонија 17. септември 2018. / 20:49

МВР: Приведените кај Владата можат да пријават насилство од полицајците

МВР: Приведените кај Владата можат да пријават насилство од полицајците

Актерката Ирена Ристиќ и В.Р. (32) кои утринава беа приведени на булеварот Илинден, во близина на Владата за нарушување на jавниот ред и мир, доколку имаат забелешка за однесувањето на полицајците можат да го пријават настанот во одделот за внатрешна контрола при МВР.

Ова го изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, по реакциите на социјалните мрежи за грубоста на полицајците при приведувањето. Тој рече дека доколку приведените пријават такво однесување од страна на полицајците, тие веднаш ќе го испитаат случајот и доколку се утврди било кој полициски службеник дека ги надминал своите овластувања тие ќе бидат санкционирани.

МВР соопшти дека приведените викале на висок тон и дрско и непристојно се однесувале, а откако двајца полициски службеници им се доближиле и ги предупредиле за нивното однесување, почнале да ги омаловажуваат и навредуваат полициските службеници.

Актерката и В.Р. биле приведени во ПС Центар поради нарушување на јавниот ред и мир. Кај В.Р. бил извршен алкотест кој покажал дека е под дејство на алкохол.

И.Р. (43) одбивала да и биде извршено алкотестирање и поради тоа била однесена во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ за да и биде земена крв и урина за анализа за присуство на алкохол. Бидејќи одбила да даде крв, била однесена во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, со цел да се добие стручно мислење врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето.

Потоа Ристич била вратена во станицата и во 4.30 часот била пуштена дома. Против двајцата се поднесени прекршочни пријави.