Македонија 30. декември 2018. / 18:31

МВР одвреме навреме ќе проверува дали Мијалков си седи во „Мериот“

МВР одвреме навреме ќе проверува дали Мијалков си седи во „Мериот“

Министерството за внатрешни работи по барање на Основниот суд Скопје 1, на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој беше пуштен во куќен притвор, ќе му прави ненајавени проверки на домашна адреса.

– СВР Скопје доби решение од Основниот суд Скопје 1, со кое на осомничениот С.М. му се определува мерка куќен притвор во траење од 30 дена сметано од 29.12.2018. Мерката куќен притвор предвидува ненајавена проверка од полициски службеници, со цел да се утврди дали ја почитува лицето на кое му е одредена мерката. До СВР Скопје од Основниот суд Скопје 1 нема пристигнато друго решение за преземање на мерки – велат од МВР за ,,Макфакс”.

Мијалков во текот на вчерашниот ден со одлука на Кривичниот суд беше пуштен од затворски во куќен притвор за предметот „Империја“ во кој е осомничен. Ексдиректорот на УБК е обвинет и во уште неколку предмети на специјалното јавно обвинителство – „Тортура“, „Таргет-тврдина“ и „Титаник 2“.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјави дека е добро за реформите за владеењето на правото осомничените и обвинетите од истрагата „Империја“ и предметот „Титаник“ да бидат во куќен притвор. Таа исто така истакна дека тие не можат да влијаат врз сведоци, да го повторат делото или пак да се дадат во бегство.