Македонија 21. јули 2019. / 20:50

МВР не одговара на барањето на АВМУ: Имал ли Боки 13 обезбедување од полицијата?

МВР не одговара на барањето на АВМУ: Имал ли Боки 13 обезбедување од полицијата?

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на 19 овој месец, официјално до министерството за внатрешни работи доставила барање за информации во врска со сопственоста на 1ТВ и праша дали Бојан Јовановски- Боки 13 бил обезбедуван од полицијата.

Официјалното барање, АВМУ го достави до редакцијата на Лидер, а од истото може да се прочита дека Агенцијата побарала информации кои ќе користат во постапката за утврдување на постоење на повреда на забраната за таен содружнк кај 1ТВ, поради сомневања дека Боки 13 е сопственик на оваа телевизија. Во барањето се поставува и прашање дали Боки 13 е физички обезбедуван од припадници на МВР.

На ова барање, АВМУ сеуште нема добиено официјален одговор, но вечерва во медиумите се појави демант од МВР кој вели дека Боки 13 не бил обезбедуван од полицијата.


Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, во вечерашната емисија „Код“ истакна дека Бојан Јовановски-Боки 13, бил обезбедуван од полицијата.
Додека Боки 13 рекетирал, бил обезбедуван од службени лицата од министерството за внатрешни работи, истакна Трајчевски. Од МВР ова изнесување го демантираат.

– Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите што во емисијата „Код“ на ТВ Телма ги изнесе директорот на АВМУ Зоран Трајчевски дека наводно лицето Бојан Јовановски имало службено обезбедување од МВР. Тоа апсолутно не е точно. – се вели во демантот објавен на 1ТВ.

Боки 13 немал службено обезбедување од МВР. Од министерството велат дека непрофесионално и неетички е Трајчевски, кој е на чело на регулаторно тело на кое му е работа да ја штити јавноста од дезинформации и да внимава на етиката во известувањето, самиот да шири дезинформации.