За можни терористички напади на територија на Република Северна Македонија попладнево информираше Министерството за внатрешни работи. Информациите се добиени по претходно разменети оперативни сознанија со партнерска земја, во врска со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт.
Министерството за внатрешни работи по претходно разменети оперативни сознанија со партнерска земја, во врска со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт на територијата на Република Северна Македонија од страна на припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС, спроведе оперативно-тактички мерки со цел идентификација на можните организатори, логистичари и потенцијалните извршители на нападот. Со цел попречување на терористичкиот напад и остварување на превентивната функција, Министерството за внатрешни работи изготви план на мерки и активности, за што обезбеди соодветни наредби за нивно спроведување. По добиените наредби на неколку локации на територијата на државата извршени се претреси при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можниот напад. Министерството за внатрешни работи продолжува да спроведува дејствија, мерки и активности со кои се работи на осигурување на безбедноста на граѓаните, пишува во соопштението на МВР.