Македонија 04. октомври 2020. / 21:08

МВР го идентификуваше напаѓачот на главниот уредник Љупчо Златев

МВР го идентификуваше напаѓачот на главниот уредник Љупчо Златев

Неодамнешниот напад врз поранешниот функционер на СДСМ и актуелен претседател на политичката партија Трета, Љупчо Палевски, потсети на неколку други случаи во минатото, кога на ист начин, две или повеќе маскирани лица од заседа, главно со шипки нападнаа неколку личности од јавната сфера, пренесе „Фокус“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски деновиве изјави дека за нападот врз Палевски се приведени осомничени и се работи на целосно расчистување на случајот, но дали, односно каков епилог имаат другите напади извршени со ист стил?

До Министерството за внатрешни работи, „Фокус“, упати прашања во врска со нападите врз новинарите Саше Ивановски, Марјан Стаменковски и Сашо Денесовски, извршени во 2015 година, како и врз неодамнашниот напад инцидент во кој мета беше новинарот и главен уредник на „Лидер“, Љупчо Златев?

Од одговорите од МВР, произлегува дека за нападите врз Ивановски и Денесовски нема никаква разрешница, додека за нападот врз Стаменковски е поднесена кривична пријава против едно лице од Скопје за извршено кривично дело „насилство“.

Што се однесува до Златев, постои институционален епилог, меѓутоа сторителот не се гони кривично, туку против него е поднесен записник за констатиран прекршок „нарушување на јавен ред и мир со малтретирање на друг на јавно место“.

Исто така, за нападот врз поранешниот функционер во младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ Илија Тозија, кој своевремено беше управител во компанија во сопственост на синот на екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков-Јордан Мијалков, од МВР велат дека и неговиот случај се уште не е решен, исто како и нападите врз Ивановски и Денесовски.