Македонија 25. април 2020. / 14:27

Муцунски: Ставот на Ковачев е потврда дека Владата досега не ја кажуваше вистината

Муцунски: Ставот на Ковачев е потврда дека Владата досега не ја кажуваше вистината

Македонија се соочува со нови ирационални предизвици и препреки. Согласно јавно објавениот документ видлив на веб-страната на Австрискиот Парламент ноторно е дека се воспоставени дополнителни услови и пречки за Република Македонија поврзани со закажувањето на првата меѓувладина конференција, односно отворањето на пристапните преговори за членство со ЕУ, вели денеска Тимчо Муцунски, Секретар за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ.

– Eден од повеќето спорни аспекти во овој документ e поврзувањето на почетокот на преговорите со барање на Република Бугарија за понатамошно именување на македонскиот јазик како „официјален јазик на“ државата со новата придавка. Истовремено, се бара и од институциите на ЕУ да не го признаваат постоењето на посебниот македонски јазик. Согласно денешна изјава на претставник на официјална Софија, Европратеникот Ковачев, ставoт на Бугарија е потврда дека за жал Владата на СДСМ до сега не ја кажуваше вистината во врска со ова клучно прашање за нашата земја, посочува Муцунски.

Како политичка партија, додава тој, сметаме дека едностраните решенија прифатени и имплементирани од страна на Владата на СДСМ, без демократски дијалог, консултација со релевантните политички субјекти и пошироката експертска јавност и нанесуваат сериозна штета на нашата држава. За тоа ние како политичка партија предупредуваме веќе подолг период.