Вчерашната тричасовна средба на лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети заврши со штуро заедничко соопштение на двете партии. Во него, освен оценката за конструктивноста и продуктивноста, отсуствуваше одговорот на главното прашање, што го постави Ахмети по неуспешниот обид за средба на лидерите на сите парламентарни партии од албанскиот политички блок.
-СДСМ треба да дадат силни аргументи зошто Албанец не би можел да биде премиер. Доколку аргументот е силен, тогаш отворени сме да дебатираме, изјави Ахмети.
Лидерот на ДУИ досега не отстапуваше од поставените црвени линии и тој, впрочем, потврди дека опцијата е ротирачки Албанец премиер. Но, не соопшти за каков редослед и каков точно сооднос во години станува збор, што математички се сведува на три опции-1+3, 2+2 или 3+1.
Но, според заедничкото соопштение, на средбата меѓу Заев и Ахмети постигнати се основи за напредок кој води до коалиционен договор за нова Влада. Останува отворено прашањето дали во овој дел од соопштението се крие и одговорот на прашањето на Ахмети, што најверојатно ќе треба да се добие со финализирањето на преговорите.
Меѓутоа, во меѓувреме продолжуваат препукувањата меѓу експонентите на двете партии во дебатните емисии и на социјалните мрежи, што ги вжештуваат меѓуетничките односи.