Македонија 06. октомври 2018. / 18:46

МПЦ: Нема да го смениме ниту нашето име, ниту името на државата

МПЦ: Нема да го смениме ниту нашето име, ниту името на државата

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на редовната годишна седница на Архиепископскиот црковно-народен собор (АЦНС) го потврди ставот за неменување на името на МПЦ и името на државата.

„Македонската православна црква историска и правна наследничка на Охридската архиепископија на Јустинијана прима има достоинство на архиепископија и се именува Македонска православна црква – Охридска архиепископија, а во комуникација Македонска православна црква“, изјави владиката Тимотеј.

Тој додаде дека членовите на архиепископскиот народен собор едногласно упатуваат и апел за национално единство.

„Упатуваме и искрен молитвен повик до сите политички субјекти во земјата за одговорен пристап во овој исклучително комплексен и полн со предизвици период за нашата татковина со препорака да се употребат сите сили за запазување на националниот и духовниот идентитет на македонскиот народ и сè што е македонско“, рече владиката Тимотеј.

Редовното годишно заседание на АЦНС се одржа вчера и денеска во манастирскиот комплекс „Рожденство на пресвета Богородица“ во Калишта.